Васко Ковачевски не е во групата „Адитиви“, но се бара за друго кривично дело

Ковачевски, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот бидејќи се наоѓа надвор од државата, не е осомничен за ниту едно од кривичните дела за кои се товарат другите дваесет и двајца.

Поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски не е дел од групата која е осомничена за криминал за трговија со адитиви за трите термоцентрали во Македонија. Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал, Ислам Абази, денеска изјави дека засега нема докази дека Ковачевски бил вмешан во тоа кривично дело. Неговото име испливало во последните денови во истрагата во случајот „Адитиви“, каде има сомнежи дека е направен криминал тежок 6,5 милиони евра.

Ковачевски, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот бидејќи се наоѓа надвор од државата, не е осомничен за ниту едно од кривичните дела за кои се товарат другите дваесет и двајца.

Како што беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Ковачевски е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата, за разлика од другите, чиј опсег на кривични дела што им се ставаат на товар оди од злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот, Абази рече дека на почетокот на прибирање сознанија во врска со наводите за сторен криминал, покрај неговото, работело и Основното јавно обвинителство во Битола, а активности имало и во кичевското Основно јавно обвинителство.

Откако дошле до сознанија и докази за отворање истрага, произлегло дека може да дојде до преклопување на постапките и судир на надлежностите меѓу обвинителствата.

Шефот на ОЈО ГОКК беше прашан зошто му било дозволено на Ковачевски да избега и дали се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

„Како име и како осомничен тој е последен произлезен, не бил пријавен ниту во Основното јавно обвинителство Битола. Откако Обвинителството обезбедува докази и спроведува постапка, тој се појавува како осомничен“, рече Абази.

Обвинителството не знае каде се наоѓа тој.

Абази потврди и дека против Ковачевски имало уште една пријава од 2020 година, но, како што објасни, тогашниот и сегашниот случај не се поврзани.

„Точно е дека за Ковачевски сме имале кривична пријава, сме ја реферирале до републичкото јавно обвинителство и сме донеле решение за нејзино отфрлање. Поднесена беше жалба до Вишото јавно обвинителство кое ни го врати предметот со одредени напатствија. Постапивме по напатствијата и повторно ја отфрливме пријавата. Сега повторно Вишото обвинителство го врати предметот на одлучување и во тек е постапката. Ќе ги разгледаме напатствијата и ќе донесеме соодветна одлука“, рече Абази.