Васил, кој ја прегази Фросина, добил мобилен во притвор!

Опозицискиот СДСМ бара министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување, Васил Јованов, пристап до телефон во затвор.

Опозицискиот СДСМ бара министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување, Васил Јованов, пристап до телефон во затвор.

„Веќе два дена јавноста е во шок од трагедијата што ја потресе целата држава, откако Васил, 20-годишник без возачка дозвола ја прегази младата Фросина, која за жал почина на лице место. Граѓаните се револтирани, јавноста е бесна, а протестите не стивнуваат.

Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор?

Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ? Каква е инволвираноста на Пандов? Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага? Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта“, велат од СДСМ.

Откако се појави фотографија од Јованов со мобилен телефон, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, за „Слободен печат“ изјави дека мобилниот телефон веднаш му е одземен, извршен е претрес во сите ќелии и осомничениот Јованов е преместен во самица. Тој најавува и истрага и санкции за корумпираните службеници кои што му го дале мобилниот телефон.

Од семејството на починатата Фросна Кулакова бараат секторот за внатрешна контрола во МВР да го пронајде одговорниот што го снабдил со мобилен телефон Јованов.

„Дали ќе се дозволи корупцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее, чие дете е следно?“ праша Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина Кулакова.