„Иницијативата `Отворен Балкан` е можност регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвиците со кои се соочува веќе со децении. Секако, ова може да биде можност и за забрзување на патот до ЕУ. Според мене ако ја завршиме работата добро, ќе се забрза економската интеграција на регионот, а би требало да се забрза и реалната интеграција на регионот во ЕУ“. Ова во Охрид на самитот на „Отворен Балкан“ го изјави еврокомесарот Оливер Вархеји.
Тој смета дека е важно најпрво да се работи на економската интеграција на регионот, а потоа со самото тоа ќе следува и процесот на реалната евроинтеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата.
„Кога зборуваме за пристапување во ЕУ зборуваме за процеси, преговарачки рамки, за нон-пејпери и така натаму, но да бидам искрен со вас и ова не би требало да го кажам како комесар, но ова навистина не е интересно, ова воопшто не е интересно за нашите луѓе, за нашите луѓе во Европа или за луѓето во Западен Балкан. Сметам дека нивното главно прашање е кога ќе живееме како што живеат луѓето во Европа и кога ќе дочекаме сите бариери да бидат отстранети меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова е вистинската интеграција, вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството, затоа ми беше драго кога првпат ја слушнав идејата што потекнува од регионот и ова е навистина многу битно достигнување на регионот, бидејќи самиот регион ја смисли оваа идеја“ – изјави Вархеји.
Тој ја потенцираше и важноста за регионалната соработка, истакнувајќи дека е потребно да се отворат границите меѓу овие земји и да се зголеми соработката на повеќе нивоа.
„Нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и железници ако камионите треба да се запираат на секоја граница, нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и евроинтеграција доколку во самиот регион сè уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа значи дека би требало да работите на еден час од местото на живеење. Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот, затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може и да го испорача“ – рече Вархеји.