Вархеи не се откажува од решение за Македонија, ќе оди во Софија се додека не се најде!

Работиме на тоа Северна Македонија да успее во јуни и мораме да успееме. Тука сме за да ја завршиме работата, тука сме за да успееме. Северна Македонија мора да успее и сите ние мора да работиме на тоа.

Oва е пораката на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи испратена од вечерашното гостување на ТВ Сител.

Вархеи по Самитот на Отворен Балкан во Охрид, заминува за Софија а она што го потенцираше е дека сите сакаат резултат кој е прифатлив за двете земји.

-Не сум по обложувањето, туку сум по работењето. Се додека постои најмала шанса, ќе продолжам да работам. Од тука заминувам веднаш во Софија и ќе продолжам да работам за решение во јуни, рече еврокомесарот на прашањето какви се шансите на Северна Македонија со оглед дека останаа уште две недели до Самитот на ЕУ.

Тој е дециден дека ќе продолжи да ја посетува Софија се додека не се најде решение.

-Не ја посетував Софија зашто имав решение, па затоа и ќе продолжам да ја посетувам, се додека не најдеме решение. Пораките кои ги добив таму не беа ништо ново, да бидам искрен. Се вртиме околу истите теми, но се трудиме да најдеме различни опции како да ги одблокираме работите. Во оваа фаза е прерано да се каже, но се надевам дека со уште работа ќе стигнеме до целта, посочи Вархеи.