Вардариште ќе се обезбедува со агенција

Стојанче Ангелов. не сакаше да соопшти за која агенција се работи, но вели дека тоа е општествено одговорна компанија, која за овој ангажман нема да наплати од државата.

Екипа на агенција за обезбедување од денеска патролира на депонијата Вардариште, со цел да се спречи влез во неа и евентуално нејзино потпалување, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Не сакаше да соопшти за која агенција се работи, но вели дека тоа е општествено одговорна компанија, која за овој ангажман нема да наплати од државата.

Тој уверува дека денеска, на депонијата Вардариште – нема никакво горење, ниту некакво чадење.

– Минатите неколку дена, секојдневно таму упатувавме по едно специјализирано возило – хермелин на ДЗС, коешто користеше вода на оние места каде што имаше само чадење. Депонијата Вардариште ќе биде детално обезбедена, веќе е ангажирана агенција за обезбедување. Нејзина екипа е поставена на депонијата. Исто така ќе се изработи план, со кој детално ќе се обезбеди оваа дива депонија, за да се спречи непосакуван влез во неа и обиди за нејзино повторно потпалување. Бидејќи како што кажав, постојат сомненија дека и депонијата Вардариште и депонијата „Дрисла“ се намерно потпалени – рече Ангелов.

Тој потсети дека на Вардариште уапсени се три лица, кои се во притвор, а тие откупувале материјали од оние кои палеле кабли за да стигнат до металот во нив. Смета, дека на тој начин ќе се обесхрабрат сите оние кои го правеле тоа, затоа што ќе нема кој да откупува.

Денеска на седница на Влада, се очекува да се донесе одлука за забрана за влез на Вардариште, што не можело да биде направено вчера, заради тоа што таму има дива населба.

За трајно решение на проблемот со Вардариште, Ангелов вели дека треба да се спроведе планот од студијата од пред десетина години, или пак да се направи ново.