
Споменикот на еден од загинатите припадници на безбедносните служби во престрелката во Диво Насеље, Горан Стојменовиќ, како и икони кои се дел од осветен крст во паркот во Инџиково во Општина Гази Баба вчера биле вандализирани.
Информацијата на Фејсбук, заедно со фотографии синоќа ги објави градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски упатувајќи најостра осуда.
„Изразувам најостра осуда за вечерашното сквернавење на споменикот на загинатиот бранител во борбите во Диво Насеље, Горан Стојменовиќ како и на иконите кои се дел од осветениот крст поставен во истиот парк во Инџиково. Ваквиот сторен чин на денешниот голем македонски празник Илинден и христијански празник Св. Илија претставува срамен и кукавички чин кој е за најостра осуда. Како градоначалник на општина Гази Баба, барам итно и неодложно преземање на сите законски дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи и час поскоро сторителите на овој чин да бидат изведени пред лицето на правдата“,
пишува Стефковски.
Тој вели дека споменикот ќе го обноват, исто како и иконите, па и во иднина ќе се оддава почит на загинатиот Стојменовиќ, а ќе се чествува и Соборот на 12-те апостоли во Инџиково.