Вангеловски, Неделкова, Мемети и Арслани биле во комисијата за правосуден испит која пропуштала недипломирани, меѓу кои и синот на Талат Џафери

Поранешната претседателка на Кривичниот и Врховниот суд, Лидија Неделкова, тогашниот Народен правобраните, Иџет Мемети, како и поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски биле дел од членовите на Комисијата за правосуден испит во 2015 година при Министерството за правда, кога со спорни уверенија од Универзитетот на Југоситочна Европа на студенти им било дозволено да полагаат правосуден испит предвреме, пишува „Фокус“.

Според информациите од Министерството за правда, тогашниот министер, Аднан Јашари давал „пас“ предвреме да се полага правосуден испит, а членовите на Комисијата пред која полагале кандидатите била избрана на предлог на Министерот.

-Членови на испитната комисија за правосуден испит во 2015 година при Министерството за правда биле:

Лидија Неделкова – претседател на Комисија и испитувач по предметот материјално и процесно кривично право

Иџет Мемети – член и испитувач по предметот уставно и управно право

Фаик Арслани – член и испитувач по предметот материјално и процесно граѓанско право

Јово Вангеловски – член и испитувач по предметот стопанско право

Николчо Николовски – член и испитувач по предметот трудово право

Александар Алексовски – Секретар на испитната комисија, се вели во одговорот од Министерството за правда.