„Важно е да се усвои преговарачката рамка за С.Македонија и Албанија во најкус можен рок“

„За нас претставува јасен приоритет пристапувањето на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ и затоа е особено важно да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија во најкраток можен рок. Ние се надеваме дека сите засегнати страни ќе направат обид за постигнување на оваа цел до крајот на овој месец“.

Ова го истакна амбасадорот на Италија во земјава – Андреа Силвестри на вечерашното одбележување на Денот на пријателството меѓу С. Македонија и Италија што се одржа на плоштадот во Струмица.

Тој се осврна и на македонско-италијанските односи, кои ги оцени како извонредни и кои уште повеќе се зацврстиле по неодамнешната посета на македонската владина делегација на Рим.

Во чест на Денот на пријателството настапија „знаменосците“ од Тоскана-Città di Castiglion Fiorentino. Настапија и струмичките мажуретки, играорното друштво „Фолклорна низа“ и студиото за модерни танци „One Way“, љубители на танци и ученици од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица.

Гости беа и евроамбасадорот Дејвид Гир и Хосе Луис Лозано Гарсиа, амбасадор на Кралството Шпанија.