Вадефул: Силата на НАТО е во ладнокрвноста

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска во Варшава апелираше НАТО во одбрана на својот воздушен простор да постапува ладнокрвно и да не дозволи да биде вовлечен во ескалација на судирот во Украина

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска во Варшава апелираше НАТО во одбрана на својот воздушен простор да постапува ладнокрвно и да не дозволи да биде вовлечен во ескалација на судирот во Украина.

– Пораката до Москва е јасна. Ние сме заедно како сојузници. НАТО решително ќе ги брани нашите граници. Но, во исто време сакам да нагласам дека не дозволуваме да бидеме вовлечени во ескалацијата на конфликтот. Силата на НАТО е и во тоа што останува ладнокрвен, наведе Вадефул во интервју за полскиот весник „Газета Виборча“.

Тој, по повеќето случаи на нарушување на воздушниот простор на земји-членки на НАТО, ја предупреди Русија да престане со провокации и ризикување на ескалација на конфликтот.

– Таа војна ќе заврши кога Путин ќе сфати дека се нашол во ќорсокак. Само тогаш ќе биде подготвен за сериозни преговори, посочи Вадефул, при тоа додавајќи оти безбедносните гаранции за Украина мора да бидат такви, а украинската армија толку вооружена, што за неколку месеци или години нема повторно да се најдеме на местото каде што е сега конфликтот.

Вадефул денеска во Варшава има средба со полскиот и францускиот колега во рамките на Вајмарскиот триаголник, а ќе присуствува и на Варшавскиот безбедносен форум.