
Вадефул: Потребно е брзо да се формира влада на Косово
Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул, на денешната средба во Приштина со претседателката на Косово, Вјоса Османи, истакна дека Берлин и Приштина ги поврзува многу посебно и блиско партнерство
Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул, на денешната средба во Приштина со претседателката на Косово, Вјоса Османи, истакна дека Берлин и Приштина ги поврзува многу посебно и блиско партнерство.
Тој додаде дека проширувањето на Европска Унија е геополитичка итност.
– Слушнав дека многу голем број ученици го изучуваат германскиот јазик. Добро е што Косово е на наша страна. Сите мораме јасно да ставиме до знаење дека нема место за руска дестабилизација и дезинформации. Проширувањето на ЕУ сега е геополитичка итност, посочи Вадефул.
Тој упати и апел што побрзо да се формира нова влада, на која граѓаните на Косово чекаат осум месеци.
– Убедени сме дека Косово има сила и волја да ги спроведе потребните реформи. Германија е подготвена да ви помогне со својата сила на овој пат. Од суштинска важност е состојбата овде да остане мирна и да нема конфронтации како во 2023 и во 2024 година, посочи Вадефул, додавајќи оти Берлин го поддржува дијалогот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.
Османи истакна дека Косово тежнее кон членство во ЕУ, не како товар туку како држава која придонесува.
– Во целост се согласуваме со пристапот на новата германска Влада, дека патот кон ЕУ треба да се заснова на заслуги. Косово е најмлада европска економија, но е динамична и дигитална. Косово останува посветено на добрососедските односи, истакна Османи и побара укинување на мерките против Приштина.

Вадефул на средбата со техничкиот премиер Албин Курти посочи дека Германија била непоколеблив партнер и пред, а и по независноста на Косово.
– Република Косово е одлучна и посветена заедно да работи со Германија на продлабочување на билатералните односи и да напредува на својот пат кон ЕУ и НАТО, наведе Курти.