
Буџет 2026 година: 6 милијарди евра приходи – 6,7 милијарди евра расходи
Државната каса во 2026 година ќе биде потешка, но и подлабоко задолжена.
Државната каса во 2026 година ќе биде потешка, но и подлабоко задолжена.
Според проекциите на новиот буџет, идната година ќе се слеат вкупно 6 милијарди евра приходи, додека расходите ќе достигнат 6,7 милијарди евра, што значи буџетски дефицит од 638 милиони евра – или околу 3,5% од планираниот БДП.
Главниот акцент е ставен на зголемување на платите и пензиите, но и на ново задолжување во висина од 1,96 милијарди евра. Дел од средствата ќе бидат обезбедени преку нова еврообврзница, а остатокот преку заеми од меѓународни финансиски институции и домашни извори.
За пензии се предвидени 1,9 милијарди евра, што претставува раст од 9,7% во однос на годинава. Социјалните трансфери ќе изнесуваат 3,35 милијарди евра, додека за плати во јавниот сектор се издвојуваат 855,3 милиони евра – за 48,8 милиони повеќе отколку лани.
Просечната нето-плата се очекува да порасне за 6,5%, а бројот на вработени за 1,6%, со што невработеноста би се намалила на 10,1%.
Владата прогнозира економски раст од 3,8% и инфлација од 2,5%, потпирајќи се на домашната побарувачка и инвестиции поголеми за 8,4%. Најавени се големи вложувања во коридорите 8 и 10-д, железницата, енергетиката и земјоделството, како и нови капацитети во технолошко-индустриските зони.
Тековните расходи достигнуваат речиси 6,1 милијарда евра и ги опфаќаат платите, пензиите, социјалните давачки, субвенциите и економската поддршка.
За отплата на стари долгови ќе бидат потребни 1,22 милијарди евра, од кои 892,6 милиони евра надворешни, а 323,6 милиони евра домашни задолжувања. Дел од нив се однесуваат на еврообврзницата од 2020 година (700,8 милиони евра), како и на обврски кон ММФ, Светска банка и ЕБРД.
Новото задолжување од 1,96 милијарди евра ќе биде распределено на 578,8 милиони евра домашно и 1,38 милијарди евра надворешно финансирање.