Буџет 2023: За плати ќе има 5 проценти повеќе, а за пензии 10,8 проценти

Со даночна реформа и со планиран економски раст, се предвидува дека во 2023 година ќе се соберат дури 315,6 милиони евра повеќе од даноците во однос на проекциите во ребалансираниот буџет за годинава.

Така, за в година е планирано од даноците да се соберат 2,64 милијарди евра. Целата приходна страна за 2023 година ќе биде 4,58 милијарди евра. Според проекциите, приходите од данокот на личен доход ќе се зголемат за 17,1 процент во однос на сегашниот ребаланс, данокот на добивка – 9,8, ДДВ – 14,7, акцизите – 8,5, а царините ќе соберат 20 проценти повеќе пари.

Во буџетот за наредната година се предвидува да се соберат и повеќе придонеси, со оглед на тоа дека се предвидува да продолжи трендот на растот на платите во државата. Предвидено е дека ќе се соберат 154,3 милиони евра повеќе, со што ставката „придонеси“ ќе достигне до 1,43 милијарди евра.

Расходната страна е планирана на 5,28 милијарди евра, односно 12,6 проценти повеќе од ребалансираниот буџет за 2022 година.

Ставката плати и надоместоци се зголемува за 26,76 милиони евра и во 2023 година ќе се исплатат 567 милиони евра што е за 5 проценти повеќе од ребалансираниот буџет. Во зголемувањето е земено предвид дека минималната плата ќе расте според законот, дека има раст на плати во образованието и во градинките и дека ќе има нова методологија за пресметка.

За стоки и услуги е предвидено да се платат 383 милиони евра и во оваа ставка, и покрај најавите за штедење, е предвиден раст од 2 проценти. За субвенции и трансфери догодина има околу 10 милиони евра помалку отколку годинава и се предвидени 538 милиони евра. Социјалните трансфери се зголемени за 192,6 милиони евра и ќе достигнат 2,35 милијарди евра. Во овој износ се и 1,2 милијарди евра за пензии, што е за 10,8 проценти повеќе отколку сега.

Капиталните расходи треба да бидат 795 милиони евра, или 52,3 проценти повеќе отколку во актуелниот ребаланс. Планираниот буџетски дефицит е сличен како и сега во ребалансот за 2022 година и изнесува 695,3 милиони евра. Догодина од домашните кредитори за наплата стигнуваат 253,8 милиони евра, а од странските – 593,6 милиони евра.

Предлог-буџетот за 2023 година е доставен во Собранието и ја чека собраниската процедура за усвојување.