
Премиерот продолжува да посочува виновници за да прикрие сопствени неуспеси. Прво преку изборен популизам ја ограничи можноста дипломатијата суштински да се ангажира и да обезбеди напредок во преговорите со ЕУ. Потоа, целата држава ја стави во заложништво на сопствени ветувања , кои и ден-денес никој не може да ги објасни. На крај, го зароби и сопствениот маневарски простор во политиката – и сега, наместо да ги исполнува условите на ЕУ, тој ѝ поставува услови на Унијата.
Ова не е само неисполнето ветување – туку длабоко нарушување на европското досие на државата. Мицкоски не само што нема план, туку никогаш и немал визија за одмрзнување на процесот. Наместо тоа, гледаме преместување на фокусот кон алтернативни партнерства, далеку од европската перспектива. Во таа опасна насока, премиерот постојано бега од одговорност, делегирајќи „виновници“ и создавајќи поделби. Тоа не е лидерство. Тоа е бегање од одговорност.
А, фактичката состојба е едноставна и секому јасна: Претходната влада – не поединец, туку цела институционална структура – му остави одличен маневарски простор. Наместо историски или идентитетски прашања, преговарачката рамка го признава македонскиот јазик, ја афирмира мултиетничката демократија и предвидува уставни измени што се веќе дел од нашиот систем.
Мицкоски има едноставен излез, но самиот се заглави во ќорсокак. Наместо лов на вештерки, треба да ги слушне пораките од претседателот Кошта и другите сојузници.
Нема план Б. Постојат само одговорност и храброст да се реализира планот А. А, за тоа – потребно е вистинско лидерство. А, за лидерство – потребни се лидери, стои во реакцијата на Османи на Фејсбук.
И високата претставничка на Унијата, Каја Калас најави дека ќе се ангажира со владите во Србија, Косово и Македонија за нивниот пат кон ЕУ. Таа е во посета на трите земји и од Белград порача дека Западен Балкан треба да работи на исполнување на целта за обединета Европа.
„Јас сум целосно посветена да ги охрабрам сите земји од Западен Балкан навистина да го зграпчат постоечкиот момент кој го имаме за проширувањето. Да, овој процес се одвива подолго време, но секогаш има политички моментум и овој политички моментум е токму сега. „Обединета Европа“ е визија за која сите мора да работиме заедно“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ.
Прашан за очекувањата од посетата на калас, Мицкоски денес рече дека тој ќе бара начини за деблокада на евроинтегративниот процес. Според него, треба да се гради доверба со Бугарија и тој нема проблем за уставните измени, но има проблем, како што додаде, да прифаќа ултиматуми.
„Убеден сум дека ќе се изнајдат решенија, ќе изнајде и механизми Европската Унија и Македонија ќе го добие заслуженото место да биде дел од таа маса, бидејќи одамна тоа го заслужуваме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.