Вечерва жестока дебата во германскиот бундестаг. Со гласови на владејачкото мнозинство, и со остри критики од опозицијата, Бундестагот ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура, пренесе Дојче Веле.
Со мнозинство гласови на пратениците на трите владејачки партии, германскиот парламент вечерва ја изгласа резолуцијата за поддршка на Северна Македонија.Против резолуцијата гласаа сите опозициски партии, вклучително и конзервативната ЦДУ/ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците. Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.
„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“, рече Лирман најавувајќи ја посетата. Нејзината порака е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.
„Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“, рече Лирман.