Букурешт избра центристички градоначалник отфрлајќи ја крајната десница

Избраниот градоначалник Чишријан Чуку е сојузник на премиерот Илие Боложан

Централнодесничарскиот политичар Чипријан Чуку ќе биде новиот градоначалник на Букурешт откако го победи кандидатот на крајната десница на изборите во неделата.

Чуку, кандидатот на централнодесничарската Национална либерална партија и близок сојузник на премиерот Илие Боложан, освои околу 36 проценти од гласовите.

Чуку ја победи Анка Александреску, ТВ водителка поддржана од најголемата крајнодесничарска партија во Романија (АУР), која заврши втора со околу 22 проценти. Кандидатот на Социјалдемократската партија, Даниел Балуча, беше трет, и покрај тоа што се предвидуваше дека ќе победи во многу анкети на јавното мислење.

Победата на Чуку би можела да помогне во ублажување на притисокот врз Боложан, кој се обидува да донесе непопуларни мерки за штедење – вклучувајќи повисоки даноци и намалување на работните места во јавниот сектор – за да го намали буџетскиот дефицит кој достигна 9 проценти од БДП. Опозициските партии поднесоа предлог за недоверба на Боложан поради плановите за реформа на пензискиот систем, што ќе се одржи на 15 декември.

„После оваа победа, веројатно е добро што оваа коалиција ќе продолжи. Владата вети реформи и време е да ги спроведеме“, рече Чуку во неделата. „Од моја политичка позиција, ќе помогнам да се обезбеди спроведување на овие реформи“, додаде тој.

Букурешт претходно го водеше независниот либерал Никушор Дан, кој ја напушти функцијата за да стане романски претседател во мај.

Чуку вети дека ќе го среди Букурешт. Тој делумно покажа за што е способен додека беше задолжен за Шестиот сектор на романската престолнина: го создаде првиот линеарен парк во градот, покажа како неискористените простори можат да се претворат во зелени површини, го организираше божикниот пазар „Западна страна“,во паркот „Друмул Табереи“, кој генерира приходи за локалниот буџет.

Како градоначалник на Букурешт, тој ветува дека ќе работи на уште поголем обем – на рехабилитација на главните артерии, на модернизирање на мрежата за греење, така што цели населби нема да останат без топла вода и греење. Паралелно, тој започна еколошки план кој вклучува зелен појас околу Букурешт и сака центар без автомобили, сличен на Париз.

За време на изборната кампања, Чуку, исто така, презентираше идеи како што се проширување на единечни ленти, создавање коридори за јавен превоз со посебни ленти за автобуси, тролејбуси и трамваи на главните оски, со семафори со приоритет.

Тој, исто така, предложи воведување на единствен интегриран билет за автобуси, трамваи, тролејбуси и метро; создавање паркинзи „паркирај и вози“ изградени надвор од Букурешт на главните оски што го внесуваат сообраќајот во градот.