Буданов нов министер за одбрана на Украина, на местото на Резников

Олексеј Резников повеќе нема да биде министер за одбрана на Украина. Како што соопшти синоќа агенцијата АФП, на негово место ќе дојде поранешниот директор на воената разузнавачка агенција Кирило Буданов.

Информацијата за разрешување на Резников, кој беше изложен на притисоци поради корупцискиот скандал во неговото министерство, ја потврди и Давид Арахамиа, претседател на клубот на претставници на партијата Слуга на народот.

„Војната диктира промени во кадровската политика“, напиша Арахамија на Телеграм.

„Времињата и околностите бараат зајакнување и прегрупирање. Ова се случува сега и ќе продолжи да се случува во иднина… Непријателот се подготвува за офанзива. Се подготвуваме да се одбраниме и да го вратиме она што е наше“, додаде Арахамиа.

Украинскиот весник Правда вечерва објави дека партијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, слуга на народот, која е и најголема украинска партија, најавила дека на следната собраниска седница ќе гласа за разрешување на Резников.

Тогаш и формално ќе биде прифатено разрешувањето на Резников.

Брзиот подем на Буданов во еден од најмладите генерали во историјата на Украина започна во август 2016 година, кога на Крим беше убиен потполковник на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), наводно од украински диверзанти.

Се верувало дека Буданов е еден од украинските специјални оператори кои работеле зад непријателските линии и подоцна бил награден со украински орден за храброст.

Во 2020 година, тогаш само 34 години, тој беше назначен за шеф на Главната управа за разузнавање на Украина (ГУР).

Буданов никогаш не сакал да ја потврди или негира операцијата и неговото учество во неа. „Нешто се случи“, рече тој.

Во 2019 година под неговиот автомобил била поставена бомба, но таа била предвреме активирана. Имало најмалку 10 обиди за негов атентат, тврди лице блиско до Буданов. Буданов живее во неговата канцеларија. Тој ретко излегува во јавност, пишува Вашингтон пост.

Тој и понатаму е цел на Кремљ. По експлозијата на Кримскиот мост во октомври, Москва ги наведе Буданов и другите агенти на ГУР како виновници. Украинските власти, вклучително и Буданов, јавно не ја презедоа одговорноста за нападот на мостот или други напади длабоко во руската територија.

Го предвиде почетокот на инвазијата на Путин за една минута
Буданов ја стави својата кариера на линија еден ден пред почетокот на инвазијата и беше еден од ретките украински функционери кои беа убедени дека Русија се подготвува да нападне и да се обиде да го заземе главниот град Киев.

Тој и неговата сопруга го гледаа часовникот таа ноќ, загрижени дека Буданов наскоро би можел да остане без работа ако работите не се одвиваат како што тој предвидел на скептичното украинско политичко раководство. „Разговаравме дека ако овој напад не се случи, нема да изгледаме многу добро“, рече тој во едно неодамнешно интервју.

„Конкретно рековме дека ќе започне во 4 часот наутро. Звучи многу чудно, но се плашев дека нема да помине добро“.

Буданов во новата прогноза, која ја даде за Вашингтон пост, вели дека оваа година Русија ќе се фокусира на заземање повеќе територии во источните региони Доњецк и Луганск.