![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/bugarija-mnr-730x430.webp)
Бугарско МНР: Прашањето за правата на Бугарите не е билатерален спор
Бугарското МНР, ги повикува властите во Македонија, „да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата“.
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување и категорично ги осудува изјавите на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Овие изјави, како што се вели во соопштението од бугарското МНР „не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција“.
-Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи, стои во ставот на бугарското МНР.
Бугарското МНР, ги повикува властите во Република Северна Македонија, „да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата“. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа, се вели во соопштението.
Мицкоски денеска одговарајаќи на пратенички прашања во Собранието, изјави дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
-На пописот во 2011 година во Албанија има декларирано 5,5 илјади Македонци. Сега има околу 2300. Вие рековте 2000, еве јас ќе ве исправам отприлика се 2300 и некаде осум илјади илјади Бугари. А во пописот во 2011 година во Албанија има нула Бугари. Прашањето е следно: Ако сега на овој попис во 2023 година има повеќе осум илјади Бугари, а во 2011 година 5,5 илјади Македонци а сега има 2300, теоретски останатите три илјади да потпаднале под асимилаторската бугарска политика, како што вие велите, овие што ја сочинуваат преостанатата разлика до осум илјади, што се, Албанци? Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде. Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие осум илјади да ги стави во Уставот? Тоа е суштинското прашање. Јас би сакал ние да разговараме како граѓани Македонци и останати, не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и Власи. Ајде да видиме зошто дозволивме ова да се случи. Тоа е суштинското прашање, рече Мицкоски.