МНР на Бугарија синоќа преку соопштение изрази зачуденост од позициите на властите во Скопје и антибугарската кампања во медиумите во врска со клубот „Ванчо Михајлов“.
„Зачудени сме од остриот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола“ – се вели во соопштението на бугарското МНР.
Посочуваат дека во С. Македонија повторно се шири омраза против Бугарија поттикната од политички партии, но и од академската заедница.
„Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања. Очигледна е потребата таа да направи вистински напредок на чувствителните теми во нашата заедничка историја“ се вели во реакцијата.