Бугарско МНР: Ги поддржуваме бугарските клубови, не очекуваат пресврт

Ова е ставот на бугарското МНР за Законот со кој се забранува здруженија во земјава да носат фашистички имиња. Според главниот експерт во бугарското министерството Жељазко Радуков бугарските клубови во Македонија ќе бидат затворени штом законските измени стапат на сила, но, како што вели, бугарската држава ќе ги поддржи во двата случаи.

Од бугарското МНР немаат виски очекувања по најавите од македонска страна дека законот ќе биде испратен до Венецијанската комисија.

– Дали Венецијанската комисија може да го запре спроведувањето на законот – практично не, затоа што – пред се, одлуките на Венецијанската комисија се советодавни, а не задолжителни. Второ, одговорна влада, кога оди да бара мислење од Венецијанската комисија, тоа го прави во моментот кога законот сè уште е предлог закон, а не кога е веќе усвоен, вели Радуков.

Според академик Камбовски испраќањето закони на анализа во Венецијанската комисија не е новост, но, како што посочи, не верува дека оваа комисија ќе одобри формирање здруженија што шират омраза или нетрпеливост. Секој може да се бори за свои права, вели Камбовски, но без да ги загрози правата и слободите на другиот.

– Не верувам дека Венецијанската комисија ќе рече „може да формирате здруженија кои ќе шират национална омраза или нетрпеливост“. Тоа ниедна држава не го допушта во светот, тоа е во спротивност со сите меѓународни стандарди и норми. Можете да формирате какви сакате здруженија, но никој нема право од позиција на такво здружение да негира право или да загрозува права на другиот, изјави Камбовски.