Нов сет податоци поврзани со Пописот 2021 во земјава извади денеска Заводот за статистика. Околу 3 проценти од вкупното резидентно население во земјава има двојно државјанство.
„Од 1.778.725 од вкупното резидентно население во земјава, 53.201 се државјани на Северна Македонија како и државјани на друга држава, 4.203 се државјани на само една друга држава, а 584 лица немаат државјанство. Половина од лицата со двојно државјанство се млади на возраст од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години“ – се вели во извештајот од Заводот за статистика.
Најголем број граѓани кои имаат двојно државјанство се мажи и тоа 30.003, а жени се 23.198. Околу 37 отсто од граѓаните со двојно државјанство имаат бугарско државјанство.
„Од вкупно 53.201 државјанин со двојно државјанство, 19.645 од нив, освен македонското, имаат и бугарско државјанство, 10.909 лица имаат и српско, 3.819 лица имаат и хрватско државјанство, 2.393 косовско и 2.164 имаат и албанско државјанство“ – стои во извештајот.
Најголем дел од граѓаните кои се со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години, а според етничката припадност, мнозинството граѓани со двојно државјанство се Македонците – 58,8 отсто.