Бугарското МНР за Рама: Или има недостаток на комуникациски вештини или намерно поттикнува антиевропски чувства

Бугарското Министерство за надворешни работи остро реагира на дадените зебелешки на албанскиот премиер Еди Рама на безбедносниот форум во словенечкиот град Блед, оценувајќи ги како неприфатливи.

Според МНР на Бугарија, ваквото однесување на Рама е непристојно за премиер на земја кандидат за членство во ЕУ. Бугарија не ја прифаќа изјавата на Рама дека осум години го блокирала почетокот на преговорите за членство на Албанија во ЕУ.

Бугарското МНР потсетува дека веќе го искажало својот став во врска со антибугарската реторика на премиерот на Република Албанија – Еди Рама, која стана постојан рефрен на неговиот политички говор. Сега, според бугарското Министерство, тоа е комбинирано и со антиевропски фокус и обид за понижување на механизмите на европскиот процес.

„Изјавите откриваат непознавање на политичката смисла на процесот за ставање на односите во регионот на европски шини. Очигледно, станува збор или за недостаток на европски комуникациски вештини или за намерно поттикнување на антиевропски чувства. Бугарија го задржува правото на соодветен начин да реагира на однесувањето на албанскиот премиер, следејќи ги принципите на меѓународното и европското право“ – се наведува во ставот на властите во Софија.