Бугарски „Фактор“: Не постои училиште во Пловдив за полагање ТОЕФЛ, што го наведе директорот на АНБ, Христовски
Во Пловдив има само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, како таа што ја наведе во биографијата Христовски, која се занимава со посредување при работа во странство
Нова сенка се појави на тврдењето на шефот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, дека положил тест по англиски јазик ТОЕФЛ во Пловдив, Бугарија, откако излегуваат податоци дека на адресата која тој ја посочил не постои школа за изучување јазици.
Во официјално објавената биографија на Бојан Христовски стои дека тој се стекнал со сертификат за владеење на англиски јазик според системот ТОЕФЛ откако го положил испитот со 75 поени на 26 март 2022 година во јазичното училиште Language School Julia Cо.LTD во Пловдив.
Но проверката на новинарите од бугарскиот медиум „Фактор“ покажала дека во Пловдив не постои овластен центар за полагање и издавање на меѓународно признат сертификат за ТОЕФЛ, а според регистерот на училиштата во Бугарија нема ни училиште со називот Language School Julia Cо.LTD.
Познавањето на странски јазик, особено англискиот, е еден од клучните услови за да се стигне не само до врвна функционерска позиција во безбедносните структури како АНБ, туку и за пониски работни места во хиерархијата. Прашањето што сега се поставува е дали Христовски претставил лажен документ за положен испит по англиски јазик. А тоа е казниво кривично дело според законите на Македонија.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, Христовски рече дека е подготвен јавно да покаже документ кој е издаден во 2019 година, како регулатива од претходната власт, за административно тестирање на вработени во државната администрација, кој покажува каков вид тест од трите светски јазици кои се говорат ѝ се потребни во државата. Тој рече дека го положил тестот во 2022, затоа што токму во Пловдив, а не во Македонија, или некој друг град во Бугарија или друга соседна земја, имало најблизок термин за полагање.
Во проверката на новинарите на „Фактор“ се испоставило дека во Пловдив има само фејсбук-страница на консултантска куќа со слично име, која се занимава со посредување при работа во странство, подготовка на документи, преводи и легализација. И работи само преку интернет, а не со личен контакт. Во огласениот флаер на компанијата никаде не се споменува дека обезбедува обука и курсеви за странски јазици, како и подготовка или спроведување на тестови за ТОЕФЛ. Во телефонскиот разговор со новинарите жената од консултантската куќа рекла дека фирмата не издава сертификати за ТОЕФЛ.
На 26 април 2024 година, полицијата од Велес (тогаш тахнички министер за внатрешни работи беше Панче Тошковски) покренала кривична пријава против лицето М.В. од Велес за кривично дело – „Употреба на документ со лажна содржина“. Според пријавата, лицето се здобило со меѓународно признат сертификат за знаење на англиски јазик, издаден од училиште на јазици од Пловдив.
Бојан Христовски, кој во интервјуто за „360 степени“ рече дека бил близок со Христијан Мицкоски, тврдеше оти лани есента излегол од членството на ВМРО-ДПМНЕ (а беше претседател на Градскиот комитет на партијата) и дека ќе работи без партиски притисоци. Тој изјави дека сака сите вработени да ги подложи на полиграфско тестирање, но дека таа обврска не би важела за него.
Извор: Независен.мк