Бугарски професор истури канонада навреди за канонизирањето на Кирил Пејчиновиќ

Бугарскиот историчар Пламен Павлов, предавач на Историскиот факултет на Универзитетот во Велико Трново „Св. Свети Кирил и Методиј“, го нарече „богохулење“, „кражба на историјата“ и кршење на договорот за добрососедство денешното канонизирање на Кирил Пејчиновиќ од страна на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. 

Во интервју за БГНЕС професор Павлов вели дека овој чин е дел од „антибугарската реторика во Република Северна Македонија“.

– Македонската православна црква долго време размислува за канонизација на Пејчиновиќ. Тоа не е невообичаено. Република Северна Македонија на ист начин ги третира Гоце Делчев, Даме Груев, Цар Самуил и цела плејада наши заеднички народни херои. Во случајот со Кирил Пејчиновиќ, а и со Јоаким Крчовски – за кого се подготвуваат да го канонизираат, со овие наши рани преродбеници, се случува токму истото непочитување на историјата, склоно кон чиста рамнодушност. Овие луѓе имаат бугарска самосвест – Кирил Пејчиновиќ вели дека „пишува на својот љубезен и наједноставен бугарски јазик“ – секаде се појавува како Бугарин, а би било смешно да се тврди нешто друго – вели проф. Павлов.

Според него, треба да има реакција и од БПЦ и од бугарската интелигенција.

– Вината на нашата Црква е огромна. БПЦ е повикана од мене и од други луѓе да ги канонизира таквите личности. За жал, браќата Миладинови ќе бидат прогласени за светци од Македонската црква – се надевам дека сум лош пророк, но немојте да се чудите, ако и двајцата браќа – маченици се прогласени за светци во Северна Македонија. Очигледно, нема никакви пречки во овој богохулен, грд однос кон нашата историја – коментира проф. Павлов.

Според него, ова е спротивно на потпишаниот договор меѓу двете земји.

– Ова е и кршење на Договорот за добрососедство и пријателство – без оглед на сите лицемерни уверувања од Скопје и на нивните обврски кон ЕУ. Гледаме како оваа антибугарска реторика по падот на ветото на Бугарија врз РСМ наместо да слабее, почнува да се засилува – коментира историчарот.

Истите тези – дека Пејчиновиќ е Бугарин, се содржани во бугарските учебници, книги, па и на интернет, како на пример во бугарската верзија на енциклопедијата Википедија. Во српската верзија, пак, изнесени се тези дека Пејчиновиќ бил Србин.