
Бугарски медиуми: Миле Лефков вовлечен во синџир со бугарски пасоши на неговото семејство
Во текстот се наведува дека околу 20-ина Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари.
Бугарските медиуми преку информации од соодветни служби почнаа сѐ почесто да објавуваат информации за македонски политичари (и блиски до нив) кои наводно имаат бугарски пасоши, а во исто време се меѓу главните говорници во Македонија против Бугарија. По објавената шпекулација дека премиерот Христијан Мицкоски во 2008 година аплицирал за бугарско државјанство (сепак, не ја завршил постапката) вчера на отстрел се најде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани, Миле Лефков. Тој последниве неколку дена држи прес-конференции во кои ја напаѓа Бугарија и го обвинува СДСМ за некакво соучесништво и дека бугарските служби водат хибридна војна за дискредитација на Мицкоски.
Според информацијата што ја објави весникот „24 часа“ 20 членови од поширокото семејство на Лефков веќе имале бугарски пасоши само тој не. Весникот тааа информација ја донесува со амблематичен наслов: „Пратеник на Мицкоски – само тој Македонец во цело бугарско семејство“.
Во текстот се наведува дека околу 20-ина Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари.
На оваа информацијата Миле Лефков веднаш реагираше преку Фејсбук во која вели дека „хибридна офанзива е во тек“. Тој бара оние што го прават тоа да ги тргнеле рацете подалеку од неговото семејство, но не кажува дека наводите од „24 часа“ се измислици.
„Објави насочени против мене и мојата фамилија – објава на ‘24 часа.бг“. За минута преземена на страници кај нас-лаги, вести, дискредитации, стартуваат по нарачка, од ботови, скришни или бугарски страници, а потоа молневито се шират! Координирана и скапа акција!
СДСМ сега да си го објасни соопштението полно со навреди, повикувајќи се на ‘жолти комбиња’ и параноја – додека реално, Македонија и македонските политичари кои ги штитат националните интереси се цел на синхронизиран напад.
Ова не е параноја, туку организирана операција против секој што се бори за македонските интереси – СДС да одбере страна“.
Дојде реакција од СДСМ, но не официјално од партијата, туку од нејзиниот член Андреј Жерновски, поранешен заменик-министер за надворешни работи и амбасадор. Жерновски вели дека „човек веќе да не знае дали да плаче или да се смее“.
Жерновски напиша на Фејсбук:
„Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кого владејачката партијата го избра да одржува серија на театрални патриотски прес-конференции невешто извежбани пред огледало, сам си падна во јамата што им ја копаше на други.
Откако параноично бараше инсталации на странски служби во државата, трагикомично посочувајќи го СДСМ како партија која е ‘целосно финансирана од бугарски фондови’, а мене како ‘домашен предавник’, веќе утредента пристигна веста дека, верувале или не, околу 20-ина од семејството Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари.
Да бидам докрај искрен, во целата моја политичка кариера досега немам видено вакви самоубијци во заседа. Просто неверојатно!“
Миле Лефков денеска не одржа прес-конференција за наводните хибридни напади на премиерот Христијан Мицкоски.