Бугарски „Капитал“ пишува дека се очекува бугарското Собрание денеска да одлучи за судбината на кабинетот на Петков, а собраниската Комисија за надворешна политика мора да донесе еднакво важна одлука – што да прави со темата С. Македонија.
Оттаму подвлекуваат дека иако самитот на ЕУ, последен во време на француското претседателство, почнува утре, можноста Западен Балкан да се поврзе со ЕУ, но сето ова го спречува ветото на Софија, која има свои проблеми да ги реши со соседната земја и ја обвинува за непочитување на Договорот за добрососедство од 2017 година.
“Можно е до крајот на неделата да има поместување на случајот. Пратениците од владејачките фракции размислуваат да поднесат декларација до парламентот в петок, слична на онаа за воена помош за Украина, во која пратениците истакнуваат дека Националното собрание се обединува околу одлуката за деблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Ваквата декларација би му ги одврзала рацете на секој премиер да го укине ветото“ – пишува „Капитал“.
Оттаму посочуваат дека „засега се чини дека ништо нема да се случи со самата комисија, што значи дека Бугарија на Самитот нема да каже „да“ или „не“ во однос на предлогот. Сепак, има и натаму нејасни работи, а една од главните е дали Владата воопшто ќе успее да собере мнозинство за да донесе ваква декларација“.
Три политички сили во парламентот остро се против укинувањето на ветото – Има таков народ, Преродба и една од владејачките партии – БСП.
Другите две владејачки партии, ПП и Демократска Бугарија, се надеваат на поддршка од ГЕРБ или ДПС, доколку документот биде изгласан. Засега од ДПС велат дека немаат одлука за ова прашање и ќе чекаат да помине гласањето за недоверба на владата.
Иако од ГЕРБ тврдат дека не се за донесување таква декларација, сепак, за пратениците од најголемата опозициска партија, францускиот предлог е прифатлив за Бугарија. Меѓутоа, и покрај тоа, сметаат дека Софија требало да инсистира Советот на ЕУ да биде гарант за исполнување на бугарските услови бидејќи Бугарија би можела и натаму да го блокира пристапниот процес доколку Северна Македонија не ги исполни условите.
„Прочитајте го документот, Северна Македонија се согласила на бугарските услови ‘4+1’ со мали приспособувања. Едното приспособување е поврзано со барањето за измени во Уставот, во кој би биле опфатени и Бугарите во соседната земја. Скопје инсистира тоа да се направи пред отворањето на првото поглавје ‘Основни принципи’, а не пред официјалниот почеток на самите преговори. Другото е поврзано со цар Самуил и промената за неговото изучување во учебниците, што според македонското МНР не може да се случи за толку краток временски период“ – изјавил неименуван бугарски пратеник за „Капитал“.
„Генерално, предлогот на Париз е најдоброто што го добила Бугарија досега на оваа тема. Во нацрт-декларацијата на лидерите се вели дека преговарачкиот процес ќе започне кога македонскиот Устав ќе биде изменет за да вклучи споменување ‘луѓе од други народи, како што е Бугарија’. Преговарачката рамка предвидува дека Комисијата ќе го следи напредокот во ставањето крај на дискриминацијата на ‘малцинствата и групите’, ќе се консултира со земјите членки за развојот на преговорите и ќе го затвори последното поглавје со основните барања, кое го вклучува прашањето за различни групи во земјата“ – се вели во текстот на бугарски „Капитал“.