Тешка сообраќајна несреќа доживеала синоќа фудбалската репрезентација на Бугарија по слетувањето во Тбилиси, каде треба утре да играат против Грузија во рамки на Лигата на нации. Еден од репрезентативците морал да биде опериран.
На пат до хотелот каде репрезентативците требало да бидат сместени, возачот на првиот од двата автобуси, загубил контрола над возилото и предизвикал судир. Причината за несреќата било возење со неприлагодена брзина во дождливи услови, а репрезентацијата била превезувана со два помали автобуси.
Возачот на едниот автобус возел со поголема брзина од дозволената по влажни услови и ја загубил контролата кога пред него оддеднаш запрел автомобил. Потоа вториот автобус удрил во првиот.
Најлошо поминал репрезентативецот Тодор Неделев кој веднаш бил пренесен во болница и опериран затоа што дел од стаклото било забиено во неговата глава.
Останатите фудбалери и членови на стручниот штаб на репрезентацијата на Бугарија се добро. Натпреварот помеѓу Бугарија и Грузија треба да се игра утре од 18 часот во Тбилиси.