Бугарскиот професор Атанасов: Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме дека тие се нешто друго!

„Бугарите во Македонија немаат потреба да бидат внесени во Уставот на Република Северна Македонија, туку само неколку десетици активисти кои се длабоко поврзани со еден партиски штаб што се наоѓа на улицата „Пиротска“ бр.5“.

Ова е пораката на бугарскиот професот по историја Димитар Атанасов испратена во емисијата „Добро утро, Европа“ на Еуроњуз Бугарија.

Тој алудираше на партијата ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, која има штаб на споменатата адреса во Софија.

„Прво, сакам да прашам кој има полза од впишување на Бугарите во Уставот на РС Македонија? Бугарите во Бугарија, Бугарите во Северна Македонија, или некои други? Тврдам дека интерес има само една посебна група која се нарекува Бугари-те, но тие се всушност Бугари, кои ни оддалеку не ги претставуваат сите Бугари во Северна Македонија, туку само мал дел од нив. Еве во што е проблемот, според мене. Според Уставот на Република Северна Македонија, етничкото присуство автоматски се претвора во политичко претставување, кое што носи одредени политички права.Тоа значи дека, доколку се внесат во Уставот тие неколку илјади луѓе, според последниот попис, кои се изјасниле како Бугари, автоматски ќе добијат политичко претставување, што води до институционална моќ. Од оваа институционална моќ имаат корист неколку десетици Бугари кои се длабоко поврзани со партиски штаб во Бугарија на улица „Пиротска“ бр.5“ – рече Атанасов.

Тој истакна дека македонскиот премиер Димитар Ковачевски се огради од отворањето на клубот во Благоевград кој го носи името на поетот Никола Вапцаров. На прашање дали отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ е провокација, тој рече дека „за тоа нема дилеми“, па и со изборот на неговото име, но додаде дека тоа е дел од провокативната атмосфера која се создава од двете страни на границата.

– Како што Красимир Каракачанов беше на откривањето на клубот во Битола, така Христијан Мицкоски беше во Благоевград, дејствијата се апсолутно реципрочни, гледаме дека, како што едната партија со кратенката ВМРО во името, се храни од конфликтот и стекнува политички поени, така и другата партија од другата страна на границата прави апсолутно симетрични потези. Доколку не се прекине, овој, да го наречам бизнис-менаџмент на конфликтот, нештата ќе продолжат да бидат такви какви што се – од едната страна ќе има провокации, од другата ќе се враќа со иста мерка. За жал, не можам да кажам ‘колку се лоши Македонците’. Многу би сакал да кажам дека мојата држава во таа ситуација е невина, но не е. Некои од тие луѓе и до ден денешен тврдат дека Македонија е Бугарска, пројавуваат неуважување кон современиот македонски идентитет, кон фактот дека македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик постојат и ние немаме право да кажуваме дека тоа не е така. Како што јас немам право да ви речам дека треба да се нарекувате поинаку од она како што се нарекувате, така и вие немате право да тврдите дека јас не сум Димитар, туку дека сум Петар на пример. Јас сум Димитар и точка по прашањето. Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме дека тие се нешто друго. Треба да прекинеме со тоа“ – рече Атанасов.

Историчарот смета дека евроинтеграцискиот процес на Македонија ќе биде долг.