Бугарскиот Парламент даде зелено светло за францускиот предлог, ама со дополнети услови

Пратениците во Народното собрание на Бугарија гласаа „ЗА“ нацрт-резолуцијата за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје и отворање на патот за европска интеграција на С. Македонија.

За предлогот на партијата „Демократска Бугарија“, одобрен од Комисијата за надворешни работи, гласале 170 пратеници „ЗА “, 37 биле „ПРОТИВ“, а 21 биле воздржани, со што предлогот е прифатен.

Останатите два предлога биле одбиени.

„Предлог-одлуката, поднесена од Христо Иванов и „Демократска Бугарија“, е заснована на предлогот на француското претседателство и се надоврзува на тоа за да бидат максимално заштитени бугарските интереси. Овој документ е многу близок до другата предлог-одлука предложена од ГЕРБ и поддржана од партијата на Бојко Борисов. Се предвидува ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети“ – пренесуваат бугарските медиуми.