Бугарска фондација: За 250 денари извадете извод и станете Бугари!

По одлуката на Министерството за правда во новите изводи од матичните книги на родените да се отвори нова графа за етничка припадност, се огласија бугарските здруженија.

Тие веднаш ги повикаа македонските граѓани да извадат нови изводи во кои ќе им пишува – Бугари.

„Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари“, објавија од бугарската Фондација „Македонија“.

Министерот за правда, Кренар Лога рече дека со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ. Објасни дека за секоја можна злоупотреба на етничката припадност во постапка на вработување, ќе може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.