Студенти од Република Северна Македонија, истомисленици на членовите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола, беа во дводневна посета на Софија, соопшти фондацијата „Бугарска меморија“, чиј основач Милан Врабевски е познат како финансиер на клубовите во Битола и Охрид.
Според објавата, посетата на студентите во Софија е составен дел од долгогодишната програма на фондацијата „Бугарска меморија“ за градење добрососедски односи со западниот сосед и европска интеграција на младите не само од Бугарија, туку и од Северна Македонија.
„За време на престојот, студентите слушнаа предавање од Димитар Борисов од Националната гарда, поврзано со историјата на Националната гарда и учествуваа во дискусија со основачот и претседател на фондацијата ‘Бугарска меморија’, д-р Милен Врабевски, кој раскажа повеќе за приоритетите и причините за основањето, како и за сите донации направени за Република Северна Македонија“,
пишува во соопштението на фондацијата.
Во објавата пишува дека заедно со студентите пристигнале и Жанета Сервини и Љубчо Здравковски – директор и заменик директор на техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, Битола. Тие го посетиле приватното основно училиште во село Ивањане и ја разгледале можноста за идна заедничка соработка меѓу двете институции.
Дописничката на ТВ Телма од Битола јавува дека станува збор за ученици и директори од истото битолско средно училиште -„Ѓорѓи Наумов“. Од телевизијата се обиделе да добијат одговор од директорката Сервини од ВМРО-ДПМНЕ, неодамна назначена од градоначалникот Тони Коњановски, зошто учениците се претставени како истомисленици на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ и која била целта на посетата на која присуствувало и раководството на ова училиште, но одговор не добиле.
Младите го посетиле и Националниот историски музеј, а биле и на прошетка во историскиот центар на Софија со туристички водич обезбеден од домаќините. Настанот завршил со картинг натпревар.