Девојка на 18-годишна возраст киднапирала бебе од болница во Хамбург и по два часа го вратила во болницата. Како што пишува германски Билд, детето не е повредено, а тинејџерката е уапсена.
Девојката синоќа го киднапирала бебето од клиниката Хелиос Мариахилф во Хамбург. Мајката на бебето (35) дошла во болница со својата ќерка бидејќи детето имало висока температура.
Околу 19 часот и 45 минути мајката и бебето биле прегледани во одделението за доенчиња. По прегледот, на жената и на детето им пришла 18-годишна Бугарка облечена во лекарска униформа.
Наводно и рекла на мајката дека резултатите пристигнале на информативното биро и дека може да ги земе додека таа ќе го чува детето. Откако било откриено дека се работи за лага, девојката во белата униформа и детето ги немало. Тинејџерката побегнала од болница со бебето.
Мајката била во шок, но доволно присебна да повика полиција. Следела потрагата по детето и тинејџерката. Во акцијата биле вклучени патроли од целиот Хамбург, а алармирана била и специјалната полиција.
Речиси два часа подоцна, младата девојка го вратила неповреденото бебе во болницата. Таа дошла во придружба на нејзиниот брат. Како што пишува Билд, девојката наводно неодамна имала спонтан абортус и е во лоша психичка состојба.
Таа е уапсена и сместена во полициска станица, а против неа се води истрага поради сомнение дека киднапирала малолетно дете.