Бугарија сепак ќе и даде воено-техничка помош на Украина
Пратениците во Народното собрание на Бугарија денеска одлучија дека земјата ќе испрати хуманитарна, финансиска, но и воено-техничка помош за Украина. За ова позитивно гласа 200 народни избраници, 13 беа против, а еден воздржан.
Пратениците го усвоија нацрт планот, уреден по писмото на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во него стои дека ќе има продолжување на поддршката за членството на Украина во Европската Унија, помош за украинските граѓани кои бегаат од војната и обезбедување можност за извоз на украинско жито во Варна.
Освен ова, планот предвидува зајакнување на енергетската соработка, особено снабдувањето со електрична енергија од Украина и природен гас, поправка на украинската воена опрема во воените претпријатија на Бугарија и продолжување на снабдувањето со хуманитарна помош, особено лекови, облека, прехранбени производи.