
Бугарија нема да го смени ставот без силна реакција од ЕУ, смета Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на Комитетот за човекови права при Обединетите нации, со која се утврдува дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување, тешко дека ќе има суштинско влијание врз официјална Софија без посилен меѓународен притисок.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на Комитетот за човекови права при Обединетите нации, со која се утврдува дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување, тешко дека ќе има суштинско влијание врз официјална Софија без посилен меѓународен притисок.
„Јас не очекувам дека ќе има ефект врз политиката кај нашиот источен сосед, освен ако не се вклучи силна, робусна акција од Брисел“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека, според него, Македонија во изминатиот период добива сè повеќе меѓународна потврда за своите позиции, но оти тоа не значи автоматска промена на ставовите на Бугарија.
Премиерот упати и критики кон, како што ги нарече, политики на „меко ткиво“ во минатото кои ги воделе СДСМ, оценувајќи дека тие придонеле за, како што рече, отстапки во однос на македонскиот идентитет.
„Секој што верува дека со промена на Уставот или со отстапки ќе се решат проблемите – се лаже. Тоа е или неразбирање на политиката или свесно оттурнување на националните интереси“, истакна Мицкоски.
Според него, без јасен и координиран став од Европската унија, не може да се очекува промена во односите, иако ваквите одлуки, како што рече, ја зајакнуваат позицијата на земјава на меѓународната сцена.
Ваквиот став на премиерот е реакција на одлуката на Комитетот за човекови права во ООН кој има донесено заклучок дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права, кога домашните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без да обезбедат валидно правно оправдување.
Во објавата на ООН стои дека Комитетот разгледал индивидуална жалба поднесена согласно Првиот факултативен протокол. Подносителот на жалбата, историчар по професија, е член или коосновач на разни непрофитни организации на етнички Македонци и тврди дека ниту една од овие организации не е регистрирана во Бугарија како резултат на политика со која се негира признавањето на македонскиот етнички идентитет.
Во овој конкретен случај, подносителот на жалбата поднел барање до властите за регистрација на невладина организација – Комитет за заштита на човековите права „Толеранција“, врз основа на Законот за непрофитни правни лица. И покрај тоа што ги доставил сите релевантни документи и дополнителни побарани информации за активностите на здружението, тој добил необразложена одлука со која се одбива регистрацијата само цитирајќи неколку одредби од Законот. Оваа негативна одлука била дополнително потврдена од Апелациониот суд без конкретно образложение.
Подносителот на жалбата го поднел својот случај пред Комитетот, тврдејќи дека неговото право на слобода на здружување е повредено бидејќи домашните судски органи не успеале да обезбедат јасно, детално и сеопфатно образложение за одбивањето на регистрацијата на здружението што го претставувал.