Бугарија: Недостиг од воен персонал поради демографската криза и ниските плати

Продлабочувањето на демографската криза во Бугарија и повисоките плати во приватниот сектор се причина за недостигот на кадри во армијата, јавува БТА.

Од бугарското Министерство за одбрана за таа агенција велат дека во текот на 2022 година и почетокот на 2023 година се објавени вкупно 29 слободни работни места за 1.984 позиции, а од нив досега се пополнети 698.

Во тек се конкурси за уште 732 слободни места, беше речено како одговор на прашањето за причините за зголемениот недостиг на персонал во бугарската армија и можните решенија за тоа.

Како главна причина беше наведена демографската криза во Бугарија.

Досега се преземени низа мерки за решавање на проблемот со недостигот на вработени и создавање услови за поголема мотивираност на воениот персонал, а една од нив е зголемувањето на старосната граница за регрутирање на 40 години, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија.