Бугарија на седми избори во четири години – Екстремната десница во подем

Бугарските граѓани денес гласаат на седми избори за помалку од четири години, но оптимизмот за политичка стабилност е слаб, што отвора простор за подем на екстремната десница.

Бугарските граѓани денес гласаат на седми избори за помалку од четири години, но оптимизмот за политичка стабилност е слаб, што отвора простор за подем на екстремната десница.

Од 2020 година, кога антикорупциските протести го соборија кабинетот на трикратниот премиер Бојко Борисов, оваа најсиромашна земја-членка на ЕУ е во постојан политички застој.

Само два од шесте избори од 2021 наваму резултираа со формирана влада, која сепак не успеа да ги намали врските на Бугарија со Русија и да спроведе потребни реформи. Последниот обид за коалиција по изборите во јуни беше безуспешен, со што остана застојот во фрагментираниот парламент.

Партијата ГЕРБ на Борисов е главен кандидат за победа и сега, но и покрај прогнозираното водство од 26%, веројатно ќе се соочи со тешкотии во обезбедување коалициски партнери. Во меѓувреме, интересот за гласање опаѓа поради страв од манипулации. На изборите пред пет месеци, одѕивот беше најнизок по падот на комунизмот, со само 34% учество.

Апатијата е сѐ поприсутна, со околу 60% од Бугарите кои го сметаат застојот за алармантен.

„Сите сме уморни од политичкиот рингишпил кој само се повторува,“ вели 33-годишната ИТ работничка, Анелија Иванова, за АФП.

Нестабилната политичка ситуација оди во корист на екстремно десничарската партија Вазраждане, која со својата проруска ориентација привлекува 13-14% од поддршката и се изедначува со реформската коалиција ПП-ДБ.

Вазраждане освои голем број приврзаници со законот за забрана на ЛГБТК пропагандата, инспириран од рускиот модел и поддржан од парламентот во август. Поради популарноста на ова законодавство, се отвори можност за соработка меѓу ГЕРБ и Вазраждане, иако Борисов уверува дека меѓународните партнери нема да го одобрат тоа.

На граѓаните, пак, им останува надежта дека овојпат ќе се формира влада, дури и ако таа е само привремено решение.

Дополнителен товар за државата е трошокот за организирање на седум избори кои изнесуваат речиси 400 милиони евра.Гласачките места денес  затвораат во 20 часот.