
Бугарија има еден месец да одлучи за иднината на рафинеријата Лукоил
Бугарската Влада има рок до 21 ноември да одлучи за иднината на рафинеријата „Лукоил Нефтохим“ во Бургас, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков, пред самитот на лидерите на Европската унија во Брисел.
Бугарската Влада има рок до 21 ноември да одлучи за иднината на рафинеријата „Лукоил Нефтохим“ во Бургас, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков, пред самитот на лидерите на Европската унија во Брисел.
Рокот е поврзан со американските санкции насочени кон руските енергетски компании, вклучувајќи ги Росњефт и Лукоил, информираат бугарските медиуми.
Жељазков нагласи дека санкциите нема моментално да влијаат на производството ниту на снабдувањето со нафтени деривати во Бугарија, но предупреди дека рафинеријата, поради повеќе од 50 отсто руска сопственост, технички се наоѓа под режимот на санкции.
Според општата лиценца на американската Канцеларија за контрола на странскиот имот (OFAC), неопходните трансакции може да се вршат до истекот на рокот, што на Софија ѝ остава еден месец да одлучи за понатамошни мерки.
Бугарската народна банка (БНБ) соопшти дека ги проценува можните ефекти од американските санкции врз домашниот финансиски систем.
Засега, според нејзините наводи, не се идентификувани кредитни ризици кои би ја загрозиле финансиската стабилност.
БНБ истакна дека банките самостојно ги проценуваат односите со погодените клиенти и дека сите активности се спроведуваат во согласност со европските и националните прописи, со постојана координација со Министерството за финансии и меѓународните институции.