Бугарија е гневна поради ветото за влез во Шенген зоната

Бугарија најави контрамерки доколку Холандија и Австрија стават вето на нејзиното влегување во Шенген, рече вршителот на должноста премиер Галаб Донев.

Тој додаде дека се надева дека „здравиот разум ќе надвладее“ во преостанатите денови до гласањето.

Донев не прецизираше кои мерки би ги вовела Бугарија, но изјави дека „се надева дека нема да мора тоа да го направи“.

Според неофицијалните информации од Софија, доколку Холандија не го повлече својот приговор, Бугарија ќе ја блокира кандидатурата на Ханс Лајтенс за шеф на Фронтекс, европската агенција за гранична и крајбрежна стража, пренесува Еурактив.

Бугарските власти тврдат дека ставовите на холандскиот премиер и австрискиот канцелар се диктирани од внатрешни политички причини а не недостатоци во примената на шенгенските правила од страна на Бугарија, што Донев го оцени како „двојни стандарди“.

Министерот за правда на Бугарија Крум Жарков кажа за Еурактив дека бугарската закана е многу реална и дека сака да предизвика реакција на ЕУ, додека министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев искоментира дека Холандија ги „обесмислува правилата на ЕУ“.

Советот на ЕУ треба на 8 декември да гласа за прием на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген зоната. Холандија силно се противи на пристапувањето на Бугарија, додека Австрија се противи на пристапувањето на Бугарија и Романија.