Бугарија доби привремена влада предводена од Ѓуров, опозицијата најави отпор

Техничката влада на Бугарија, предводена од Андреј Ѓуров, официјално стапи на должност по положувањето заклетва пред Народното собрание, во присуство на претседателката Илијана Јотова. Ѓуров и министрите се обврзаа дека ќе ги почитуваат Уставот и законите и изјавија дека сите нивни постапки ќе бидат водени од јавниот интерес, објави „Новините“.

Техничката влада на Бугарија, предводена од Андреј Ѓуров, официјално стапи на должност по положувањето заклетва пред Народното собрание, во присуство на претседателката Илијана Јотова. Ѓуров и министрите се обврзаа дека ќе ги почитуваат Уставот и законите и изјавија дека сите нивни постапки ќе бидат водени од јавниот интерес, објави „Новините“.

Техничкиот премиер Андреј Ѓуров во првото обраќање пред парламентот истакна дека кабинетот презема целосна одговорност за организирање фер и кредибилни парламентарни избори, нагласувајќи дека процесот бара доверба, граѓанска вклученост и институционален интегритет. Во услови на политички тензии, тој порача дека владата ќе ја води државата до формирање редовен кабинет без популизам и празни ветувања, туку со професионален, воздржан и со одговорен пристап.

Ѓуров нагласи дека техничката влада нема да бара политичка предност и ќе дејствува непристрасно, истовремено потврдувајќи ја стратешката определба на Бугарија за европската и за евроатлантската ориентација и продолжување на соработката со ЕУ, НАТО и ОН, како и поддршка на меѓународните напори за праведен и траен мир во Украина.

Покрај изборниот процес, Ѓуров ги наведе приоритетите на владата: зачувување на финансиската стабилност преку долгорочна буџетска рамка, чекори поврзани со воведувањето на еврото и подготовка на темелите за буџетот за 2026 година. Како клучни задачи ги посочи и фер распределбата на средствата кон општините, редовната исплата на пензии и социјални надоместоци, враќањето на законитоста во обвинителството, нормалното функционирање на судството, гаранциите за националната безбедност и поголемата транспарентност на институциите.

Церемонијата беше проследена со бојкот од дел од пратениците и со остри поделени реакции во политичкиот спектар: претседателката Илијана Јотова најави внимателен надзор и посочи дека има резерви за дел од именувањата, додека дел од опозицијата го оспори неутралниот карактер на кабинетот и најави отпор.