Бугарија губи милијарди поради забавувањето на еврото
Гувернерот на БНБ потврди дека целта е Бугарија следната година да стане членка на еврозоната, пишува „СЕГА.бг.њус“, но државата не прави доволно за да ја подготви Бугарија за членство во еврозоната.
Гувернерот на БНБ – Димитар Радев, нагласи дека одложувањето на воведувањето на еврото на земјата и носи штети и изгубени придобивки кои се мерат во милијарди. Затоа Бугарија мора да ги заврши евроинтеграциите со што поскоро влегување во еврозоната, нагласува Радев.
Според гувернерот на централната банка, главните причини за одложувањето се политичката нестабилност и недоволната желба на извршната власт да го финализира процесот. Формално Бугарија ги исполнува сите критериуми за прифаќање на еврото, со исклучок на условот за стабилност на цените, т.е. за ниска инфлација.
Тој објасни дека нема шанси земјата да го исполни овој критериум сега кога треба да се подготви јунскиот извештај за конвергенција. Сепак, тој е оптимист дека во наредните месеци инфлацијата може да се сведе на прифатливи нивоа и дека следната година Бугарија ќе стане членка на еврозоната.
Банките и банкарскиот систем ќе бидат подготвени за влез во еврозоната до крајот на годинава. Но, тоа не е случај со државната администрација и локалните власти, кои мора сериозно да работат на исполнување на техничките услови, смета првиот човек на БНБ.