Бугарија воведува привремена забрана за увоз на прехранбени производи од Украина, со исклучок на транзитна стока, соопшти техничкиот премиер Галаб Донев на почетокот на денешната владина седница.
Според него, значителни количини украинска храна останале во Бугарија.
„Минатата година, спротивно на првичната замисла, значително количество прехранбени производи остана во земјата и направи проблем. Доколку оваа тенденција опстојува или се зголеми, можно е да има исклучително сериозни последици за бугарскиот бизнис. Принудени сме да ја донесеме оваа национална мерка бидејќи европските власти сè уште размислуваат за соодветно решение. Очекуваме дека Брисел ќе ги слушне и разбере позициите на Бугарија, Полска, Чешка и на Словачка. Остануваме солидарни со Украина, но банкротот на бугарските земјоделци во никој случај нема да придонесе за нејзината цел“, рече Донев, пренесува Радио Бугарија.
Забраната претходно ја воведоа Полска, Унгарија и Словачка, а за слична мерка размислува и Хрватска, која бара од ЕК да ги надомести наметнатите трошоци.