Бугарите нема да се откажат од Цар Борис Трети во Охрид: Тој е наш и е важен

Претставник на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, смета дека нема ништо спорно во името. Иако пред седиштето има револтирани граѓани кои протестираат и сметаат дека е спорно овој клуб да биде именуван по цар кој бил на чело на бугарската држава за време на Втората светска војна и окупацијата на Југославија, а во нејзини рамки и на Македонија, за претставникот нема никаков проблем.

„Ние кажавме дека немаме никакво фашистичко движење или неонацистичко. Доколку имаме во иднина, може да не суди државата и да ни прави ништо. Ние го избравме името по последниот цар на Бугарите. Тој е важен за нас. Ние сме почитувачи на ликот и делот. Се исполитизира целата работа“, посочи претставникот на клубот.

Тој додава дека во клубот ќе се промовира културата на бугарскиот народ и Бугарите во Македонија.

„Ништо лошо не сме направиле. Регистриравме здружение согласно законот. Нас легално сите документи ги имаме дадено до државата Република Македонија. Никогаш не сме направиле ништо лошо против нашиот народ или државата. Тоа е наша држава, наш град. Тука живееме“, додаде тој.