Бруто надворешниот долг на државата изнесува 11.789 милиони евра
Бруто надворешниот долг на државата изнесува 11.789 милиони евра. Тоа претставува 81 отсто од проектираниот БДП. Состојбата е со датум од последниот ден на март.
Притоа, забележано е квартално зголемување од 327 милиони евра. Бруто-надворешните побарувања се зголемени за 436 милиони евра и изнесуваат 7.440 милиони евра, покажуваат последите податоци што ги објави Народната банка.
„Поголемото квартално зголемување на побарувањата во однос на обврските доведе до намалување на нето надворешниот долг за 109 милиони евра, така што на крајот на март 2024 година тој изнесува 4.350 милиони евра“, наведено е во соопштението од НБРСМ.
Надворешна задолженост и меѓународната инвестициска позиција на Македонија на крајот од март изнесува 8.506 милиони евра, или 58,4 отсто од проектираниот БДП, според проекцијата на Народната банка за годинава.
Најголемиот дел од овој износ, или 87% се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 72% се врз основа на сопственички капитал.
На крајот на март бруто надворешниот долг изнесува 11.789 милиони евра (или 81% од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 327 милиони евра (или за 2,9%). Доколку се изземе влијанието на специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка врз долгот, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 118 милиони евра. „Оваа квартална промена е резултат на зголемениот приватен долг (за 79 милиони евра) и јавен долг (за 39 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 116 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 100 милиони евра), при намален долг на приватните банки (за 136 милиони евра)“, посочуваат од Народната банка.
За кварталното зголемување на јавниот надворешен долг се вели дека главно се базира на растот на долгот на секторот „држава“ за 28 милиони евра и на јавните банки и јавните претпријатија (за 8 милиони евра).
Бруто надворешните побарувања, пак, изнесуваат 7.440 милиони евра (или 51,1% од проектираниот БДП) и забележаа квартално зголемување од 436 милиони евра (или за 6,2%). Доколку се изземе влијанието на специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 79 милиони евра и изнесуваат 7.083 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените приватни побарувања за 370 милиони евра, при намалени јавни побарувања за 291 милион евра.
Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор произлегува од поголемите побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 325 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 105 милиони евра), во услови на намалени побарувања на приватните банки (за 60 милиони евра).
На 31 март нето надворешниот долг изнесува 4.350 милиони евра (или 29,9% од
проектираниот БДП). И во првиот квартал е намален за 109 милиони евра, или за 2,4%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62%.
Во текот на првото тримесечје негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 6 милиони евра и изнесува 8.506 милиони евра, што претставува 58,4% од проектираниот БДП за 2024. Кварталното зголемување на негативата произлегува од поголемото зголемување на обврските (за 554 милиони евра) во однос на зголемените средства (за 547 милиони евра), пишува во соопштението на Народната банка.