Четири лица загинаа, а десетици се повредени во руски напад врз трговски центар за специјализирани градежни производи во Харков, соопштија локалните власти, откако претходно денеска градоначалникот објави дека најмалку две лица се убиени. Претседателот Володимир Зеленски упати страстен апел до западните сојузници на Украина да и помогнат да ја зајакне својата воздушна одбрана за да ги зачува градовите безбедни.
Четири лица загинаа откако две наведувани бомби погодија продавница во станбена област на градот, изјави регионалниот гувернер Олех Синехубов на националната телевизија. Најмалку двајца од загинатите се вработени во продавницата. Во нападот се повредени 40 лица, а 16 се водат како исчезнати, изјави Синехубов.
„Ова е очигледен тероризам“
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека за време на бомбашкиот напад во продавницата имало 120 луѓе. „Нападот беше насочен кон трговскиот центар, каде што имаше многу луѓе, ова е очигледен тероризам“, рече Терехов.
Синјехубов објави дека во раните вечерни часови проектил погодил станбена зграда во центарот на градот со 1,3 милиони жители, при што биле повредени 18 лица. Ракетата предизвикала кратер длабок неколку метри во тротоарот пред зградата, во која имало и пошта, салон за убавина и кафуле.
„Ова е уште еден пример за руското лудило“
Харков, вториот по големина град во Украина, е на само 30 километри од границата со Русија и со недели е цел на руски напади. Овој месец, руските сили, исто така, започнаа продор во северните делови на Харковската област. Во својата видео порака во текот на ноќта, Зеленски го осуди нападот како „уште еден пример за руско лудило“, велејќи дека „нема друг начин да се опише“.
„Кога на светските лидери им велиме дека на Украина и е потребна соодветна воздушна одбрана, кога велиме дека ни се потребни вистински, решителни мерки кои ќе ни овозможат да го заштитиме нашиот народ, така што руските терористи не можат ни да се приближат до нашата граница, зборуваме за тоа да не дозволиме овие напади се случуваат повеќе“, рече тој.
Москва негира дека намерно гаѓа цивили, но илјадници се убиени и повредени за време на нејзината 27-месечна инвазија на Украина.