
Најмалку 18 лица загинаа, а најмалку 20.000 се евакуирани поради катастрофалните шумски пожари на југот на Чиле, поради што претседателот Габриел Борик прогласи состојба на катастрофа во два региона, пишува Си-Ен-Ен.
Чилеанскиот претседател Габриел Борик прогласи состојба на катастрофа рано наутро во неделата во регионите Нубле и Био Био, кои се наоѓаат околу 500 километри јужно од главниот град Сантијаго. „Со оглед на сериозните тековни шумски пожари, решив да прогласам состојба на катастрофа во регионите Нубле и Био Био.
Сите ресурси се достапни“, објави Борик на социјалната мрежа X. Тој го потврди бројот на загинати во неделата навечер по состанокот со градоначалниците на погодените општини во градот Консепсион.
Според агенцијата за шумарство на Чиле, CONAF, пожарникарите се бореа со 24 активни пожари низ целата земја во неделата наутро, а најголемите пожари беа во регионите каде што е прогласена вонредна состојба.
Пожарот досега зафати речиси 8.500 хектари во двата региона, загрозувајќи повеќе заедници и поттикнувајќи ги властите да издадат наредби за евакуација. Чилеанската агенција за катастрофи „Сенапред“ соопшти дека речиси 20.000 луѓе се евакуирани, а најмалку 250 домови се уништени.
Властите велат дека неповолните услови, како што се силните ветрови и високите температури, придонесуваат за ширењето на пожарите и им отежнуваат на пожарникарите да ги контролираат. Голем дел од Чиле беше под предупредувања за екстремна топлина, при што се очекуваше температурите да достигнат 38°C денес во областа од Сантијаго до Био Био.
И Чиле и Аргентина доживуваат екстремни температури и топлотни бранови од почетокот на годината, а катастрофални шумски пожари избувнаа претходно овој месец во аргентинска Патагонија.