Фудбалската федерација на Македонија во среда ќе има седница на Управен одбор, на која селекторот Благоја Милевски треба да го презентира извештајот за двата порази во јунскиот квалификациски циклус, од Украина (2:3) во Скопје и од Англија (7:0) на „Олд Трафорд“.
Според одредени гласини во јавноста, а согласно поразите, можно е на УО на ФФМ да се разгледува и евентуален отказ за селекторот Благоја Милевски.
Сепак, од федерацијата засега нема никакви најави во пресрет на седницата на Управниот одбор на ФФМ.
„До овој момент од Управен одбор нема никаква информација дека Благоја Милевски веќе нема да биде селектор на македонската фудбалска репрезентација. Кога ќе имаме официјални информации, ќе објавиме“, изјавија од ФФМ.
Фудбалската репрезентација на Македонија во квалификацискиот циклус за ЕВРО 2024 досега забележа една победа, против Малта (2:1) и два порази, од Украина дома (2:3) и од Англија на гости (7:0).
Во следното коло, на 9.септември, Македонија на домашен терен ја пречекува Италија.