
Бројни делегации положија цвеќе и оддадоа почит пред спомениците во Крушево
Со положување венци свежо цвеќе и поклон пред вечното почивалиште на претседателот на Крушевската република Никола Карев – Македониум и на Споменикот на Слива – „На хероите на Слива“ утрово почна чествувањето на 120-годишнината од Илинденското востание во илинденско Крушево.
Бројни делегации се поклонија и пред Споменикот на бранителите на Крушевската република.
Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија ја предводи претседателот на Законодавниот дом Талат Џафери, а од име на Владата цвеќе положија министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, Јованка Тренчевска и Љупчо Николовски.
Делегацијата на Армијата на Република Северна Македонија и Генералштабот, ја предводеше бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, а венци свежи цвеќе положија и се поклонија пред спомениците и градоначалникот на Крушево Томе Христоски.
Во рамките на одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание беше одржана панихида во црквата Свети Никола.