Брнабиќ: Отворен Балкан има светла иднина, не верувам дека Рама е против иницијативата

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека е убедена дека иднината на иницијативата „Отворен Балкан“ е светла и дека ќе и се придружат и други од регионот.

Таа истакна дека оваа иницијатива е „автохтона и исклучително практична, бидејќи сите проекти имаат конкретна примена“.

„Без оглед на одредени изјави, а не верувам дека албанскиот премиер Еди Рама е против иницијативата Отворен Балкан, мислам дека за тоа зборуваше на последната прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ. Затоа, верувам дека иднината на оваа иницијатива е светла и безбедна“, рече Брнабиќ

Таа го изјави ова во заедничкото обраќање со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со кого го посетија мобилното продажно место ОТВОРЕН БАЛКАН – електронска наплата, на наплатната станица Прешево, во правец кон Македонија.

Брнабиќ истакна дека иницијативата е отворена за сите од Западен Балкан, но и дека и другите надвор од овој регион, како Хрватска или Грција, сакаат да се приклучат на многу добрите проекти кои носат директна корист за граѓаните.

Како што изјави таа, „кога имате добри проекти, ќе се приклучат и други земји, не на целата иницијатива, туку на тие проекти“.

„Зошто ни е важно Хрватска да се приклучи најверојатно во август или септември, а сака да се приклучи и Грција. Затоа што сме во конкуренција со други земји и компании за патишта да го донесеме сообраќајот овде на Балканот“, објасни Брнабиќ