Брнабиќ: Не очекувам ништо добро, Курти не сака да разговара

Српската премиерка Ана Брнабиќ вели дека се надева на „конструктивен пристап“ во претстојните разговори меѓу Белград и Приштина на 18 август во Брисел, кога треба да се сретнат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, но дека „не очекува ништо добро“.

„Не гледам простор со Курти бидејќи тој не сака да разговара. Ме плаши и тоа што високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел рече дека не можат да ја принудат Приштина на ништо. Но, за што тогаш ние зборуваме кога ЕУ е гарант на Бриселскиот договор“ – изјави Брнабиќ за Радио телевизија на Србија (РТС).

Како што наведе таа, Србија со години чека да се формира Заедницата на српските општини, „но не во согласност со таканаречениот косовски Устав, туку како што е договорено во Брисел“.

„Тоа е многу тешка ситуација, никогаш потешка и ризична, мораме да го зачуваме мирот, но никогаш не било поопасно“ – изјави Брнабиќ.