Ана Брнабиќ, претставничката за состав на новата Влада на Србија, денеска изјави дека за Србија сега најважни се стабилноста и единството, бидејќи покрај прашањето за Косово се очекува и тешка зима.
Таа гостуваше во Хепи телевизија и рече дека Србија треба да биде земја во која луѓето се чувствуваат безбедно.
Зборувајќи за Косово, Брнабиќ рече дека нејзините две пораки по посетата на покраината се дека е важно да се одржува мирот и стабилноста, но и дека има „црвени линии“ кои не можат да се преминат.
„Тие линии се безбедноста на Косово и Метохија и нема да дозволиме нови бури и прогони. Како што вели претседателот на Србија Александар Вучиќ, мир и стабилност по речиси секоја цена. Се надевам дека нашите европски партнери го разбираат тоа“ – рече Брнабиќ.
Таа посочи дека Србија прави се за да постигне мир и стабилност, но дека има и друга страна на тој процес.
„За жал, нестабилноста се уште е присутна, како и ризикот од конфликт, бидејќи Србите во Република Косово трпат постојано малтретирање од Приштина, со што континуирано се прекршува Бриселскиот договор. Освен што не беше формирана ЗСО, тие и го прекршуваат на други начини.Посебно прекршување видовме кога патролираат во езерото Газиводе и узурпираат српски имот“ – рече таа.
Додаде дека тоа што Приштина го прекршува и не го применува Бриселскиот договор е прифатено и признато од сите во ЕУ, но тие не прават ништо за Приштина да почне да го применува.