Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, на 22 март изјави дека ќе распише нови избори за градското собрание на Белград за 2 јуни. Брнабиќ за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека тоа ќе го направи до 3 април, кога е и крајниот рок.
Зборувајќи за консултациите за потпретседателите и работните тела во српското Собрание, кои се одржаа пред конститутивната седница на која беше избрана за претседател на парламентот, таа рече дека и е жал што коалицијата „Србија против насилство“ одбила да учествува во нив, како и дека одбила да учествува во работните тела.
„Гледам критики дека не сме подготвени за дијалог, што е бизарно. Имате покана да дојдете на консултации со претседателот Александар Вучиќ, што е нивна обврска кон гласачите. „Србија против насилството“ не не удостои да одговори на тие повици, не учествуваше во консултациите“, изјави Брнабиќ, а пренесува РТС.
Според неа, власта покажала дека сака дијалог и како што рече претседателот на Србија „ја подаде раката на опозицијата, но таа остана да виси во воздух“.
Брнабиќ беше избрана за претседател на српскиот парламент на 20 март. На гласањето не присуствуваа пратениците од коалицијата „Србија против насилство“, коалицијата „Нада“ и дел од пратениците „Ние-гласот од народот“, кои претходно ја напуштија салата.
За предлогот на владејачката Српска напредна партија (СНС) Брнабиќ да биде избрана на таа функција се расправаше три дена, кои беа одбележани со навреди и довикувања кон пратениците.
Опозициските коалиции „Србија против насилството“ (СПН) и НАДА побараа од властите во Србија „итен дијалог“ за создавање „елементарни услови за фер и демократски избори“.
До повторување на локалните избори во главниот град на Србија доаќа откако ниту една партија не освои доволно гласови за да формира влада.